8 февруари беше ден на побезбеден интернет кој годинава го обележаа 68 земји насекаде во светот, меѓу кои и Македонија. Метаморфозис, како и секоја година, и оваа, активно се вклучи во глобалната акција под мотото „Животот на интернет е повеќе од игра“, со организирање настан за деца.
Настанот го отвори и го модерираше Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Таа даде и куса презентација за чувањето и давањето на личните податоци, со особен акцент на фотографиите и означувањето на истите на сајтови како Фејсбук, без согласност од лицата кои се на нив. Во текот на презентацијата беа споделени примери, а случки раскажуваа и децата. На крајот од оваа презентација беа спомнати најчестите ризици кои произлегуваат од користењето на социјалните мрежи и беа дадени препораки за корисниците во вид на заклучоци.
Втората сесија започна со една интерактивна вежба во која учествуваа самите деца, а имаше за цел метафорично да го претстави имањето или немањето доверба во луѓето што ги запознаваме онлајн. Потоа следуваше мини-презентација на веб-сајтот Безбедно на интернет, а на крајот Виолета Георгиевска од Интернет Хотлајн Провајдер – Македонија им зборуваше на децата, на темата: Што смееме, а што не смееме онлајн, од аспект на кривични, казниви дела.
Во текот на овој настан, децата пополнија и кус прашалник во врска со нивните интернет-навики.
Резултатите од мини-истражувањето покажа дека 98% од анкетираните деца имаат пристап до интернет од дома, а 79% од децата имаат компјутер во својата соба. Исто така, 96% од децата имаат свој мобилен, преку кој 40% од децата користат интернет. Без да прашаат за дозвола, понекогаш фотографирале некого 26% од децата, а 21% се согласуваат дека им е полесно да им кажат на другите што мислат за нив онлајн.